Јакне профитабилноста на банкарскиот систем, добивката поголема за 54,2%

Нето приходите од камати сѐ уште имаат најголемо учество во вкупниот приход на банките, со 54,3% удел во вкупниот приход. Дополнителен придонес (од 38,6%) кон зголемувањето на вкупните приходи имаа и другите редовни приходи, коишто пораснаа за 629,8 милиони денари, или за 44,3%. Останатите категории приходи (нето- приходите од провизии и вонредните приходи) имаа помал придонес (од 6,2% и 0,9%, соодветно) во растот на вкупните приходи.

Овие движења предизвикаа незначителни промени во структурата на вкупните приходи во првите девет месеци од 2015 година во однос на претходната година, велат од Централната банка.

Вкупната актива на банките во третиот квартал достигна 406.860 милиони денари. Иако на годишно ниво се забележува забавување на растот, на квартална основа, растот на активата е речиси идентичен со растот остварен во претходниот квартал.

Кредитната поддршка и понатаму расте, нефункционалните кредити забавуваат

И во третиот квартал од годинава продолжи кредитната поддршка, стои во извештајот на НБРМ. Имено, кредитната поддршка на секторот „домаќинства“ и натаму продолжува да расте, додека корпоративните кредити бележат минимално намалување, што е спротивно на остварувањата во претходниот квартал.

Вкупните кредити одобрени на правните субјекти, на квартална основа се поголеми за 1,3%, што е двојно помалку од растот остварен во претходниот квартал. Кредитирањето на граѓаните, од друга страна во третиот квартал порасна за 3,5%, во споредба со претходниот квартал. Растот на кредитите на домаќинствата во најголем дел е сконцентриран кај кредитите наменети за потрошувачка. Забрзување на кредитниот раст се забележува и кај станбените кредити, кои во првите девет месеци од годинава пораснале за 19%.

Кредитната поддршка и понатаму расте, нефункционалните кредити забавуваат
Кредитната поддршка и понатаму расте, нефункционалните кредити забавуваат

Народната банка претходно воведе мерки за ограничување на долгорочните потрошувачки кредити, со цел да се влијае превентивно на сигналите за можните идни растечки ризици од овие кредити. Имено, во последните две години се забележува доста брз раст на потрошувачките кредити со рочност над десет години, чија годишна стапка на раст во септември достигна дури 47,5%.

Мерката не значи дека банките ќе престанат да даваат потрошувачки кредити со подолги рокови, но реално е да се очекува дека банките ќе го следат сигналот на Народната банка и ќе придонесат за забавување на брзиот раст на овие кредити.

Кај кредитното портфолио во третиот квартал се одржа истиот квалитет, при што учеството на нефункционалните во вкупните кредити се движи во рамки на вообичаеното ниво за последните две години, помеѓу 11% и 12%. Годишниот раст на нефункционалните кредити, според податоците на НБРМ, видно забави, што доведе до намалување на учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити во споредба со септември 2014 година за 0,6 процентни поени, сведувајќи се на 11,7% на крајот на третиот квартал од годинава.