“Само” 16 ракометари ќе патуваат во Краков

Иако не потврди со стопроцентна сигурност, Ивица Обрван откри дека не планира да носи играчи кои би биле резерви на првенството во Полска. Идејата му е од овие 21 ракометар, колку што останаа по дисциплинската мерка врз Дупјачанец и Велковски, да ги одбере 16-те кои ќе бидат најподготвени. Не сакаше да коментира колку за оваа одлука придонела формата и клупската минутажа на некои од ракометарите.

Во овој состав ќе останеме до Нова година, евентуално кратење ќе имаме на втори јануари. Оној дефинитивен список би го имале по мечот со Словенците, евентуално по Црна Гора. Најверојатно, не е сто отсто сигурно, но најверојатно на ЕП ќе одиме со 16 играчи. Значи ќе играат само тие што ќе бидат пријавени, а евентуални измени и резерви нема да патуваат и ќе останат во Скопје”, рече Обрван на утринскиот тренинг. Јас не би сакал да се задржувам на играчите кои немаат минутажа, би ставил акцент на работата овде и на играчите кои се тука. Да ги избереме 16 најподготвени кои ќе стартуваат на ЕП во Полска. Не сакам во овој момент да зборувам за клупските проблеми на играчите или малата минутажа, рече селекторот, кој можеби одлукава ја донел поучен од Катар, кога Ванчо Димовски и Никола Митревски како резерви, не добија шанса на паркетот.

Натпреварите во Полска, засега, се уште далеку, меѓутоа Обрван потенцираше дека мечот со Србија сакале, или не ќе биде централен, без разлика дали Македонија ќе има сили да направи изненадување со Франција или Полска.

Јас размислувам дека, без разлика дали ќе направиме изненадување против домаќинот, на пример, кој има амбиции да стане европски првак, нам повторно пресуден ќе ни биде натпреварот со Србија. Мора да имаме позитивен резултат со нив. Сите натпревари ќе ги играме нормално, без никакви калкулации. Ако на првите две се покаже потреба нешто да сокриеме, или да тактизираме за третиот меч ќе видиме тогаш, но сигурно нема да одиме на првенството со став дека немаме што да бараме со Франција и со Полска, додаде селекторот.