Полицајци од повеќе земји во Европа ќе патролираат на границата со Грција

Полицајци од повеќе земји во Европа ќе патролираат на границата со Грција, информираат од МВР.

Оттаму велат дека полициски службеници од Република Хрватска веќе патролираат на македонско – грчката граница. Република Србија вчера (28 декември) испрати полициски службеници, додека веќе од наредната недела се очекува да пристигнат и тимови од Унгарија и  Република Словенија.

Кон средината на јануари, односно почеток на февруари 2016-тата година се очекува да пристигнат полициски службеници од Чешката Република.

Од МВР напоменуваат дека во тек се преговори и со останатите земји (Австрија, Полска и Словачка) за евентуално испраќање на нивни полициски службеници.  Во соопштението исто така се нагласува дека распоредувањето на полициските службеници од земјите во Европа е на барање на Управувачкиот комитет за координација и управување кој донел одлука да се испратат официјални писма – барања  за испраќање на полициски службеници од поголем број на европски земји кои директно или индиректно се засегнати од миграциската криза.

Целта на оваа одлука беше македонските и странските полициски службеници да патролираат заедно на  границата со Грција, како и да помогнат на нашите полициски службеници во спроведувањето на секојдневните работни активности, велат од МВР.

Од МВР напоменуваат дека на сите состаноци кои се одржуваа на регионално или европско ниво, Република Македонија апелираше дека ни е потребна  материјала и логистичка помош за соодветно,  рамо до рамо со земјите членки на Европската Унија, активно да се справи со илегалната миграција од една страна, но и да понуди хуманитарна помош на бегалците од друга страна.