
„Матица македонска“ ја објави поетската книга „Молитва за Македонија“ од Раде Силјан, која содржи осумдесет песни, поделени во шест тематски циклуси.
Во поговорот „Поезија на префинет лиризам и метафизички квалитети“, поетот и литературен критичар Ефтим Клетников констатира дека новата поетска книга на Силјан ги опева отворените рани на нашиот народ.
– Тоа е поезија на еден стамен лиризам, на префинета есенцијална лирска енергија, која се темели на индивидуалната и колективната меморија на душата на чиј поетски разбој е исткаена јадровитата ткаенка на поетот, пишува Клетников во поговорот.
Раде Силјан е автор на шеснаесет поетски книги, високо вреднувани од литературната критика. Негови дваесет и четири дела се преведени на повеќе странски јазици. Добитник е на национални и на меѓународни награди, а минатата година беше добитник на државната награда „Свети Климент Охридски“ за животно дело.