
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) промовира иновативност и помага во подобрувањето на енергетската ефикасност во Брако, водечка македонска компанија во областа на инженеринг и обработка на метални производи.
Кредитот во износ до два милиони евра ќе и овозможи на компанијата да инвестира во нова енергетско-ефикасна опрема за производство на жичани производи, и да набави опрема за преработка на метал, со цел да ја подобри производната ефикасност и квалитет на другите метални производи. Учеството на Банката во инвестицијата ќе го поддржи растот на компанијата во однос на производите со поголема додадена вредност во вкупното портфолио, и оние производи наменети за извоз.
Лоцирана во Велес, Брако претставува водечка компанија за производство на жичани производи, обработка на метални производи н инженерство. Во изминатава деценија Брако инвестираше во развој на нова производствена програма, воведувајќи производи со висока додадена вредност, како што се медицински помагала и мебел, металните додатоци, програма на транспортни ленти, телекомуникациска опрема и опрема за хидро централи.
Анка Јоана Јонеску, Претставник на ЕБОР за Македонија истакна: ,,Ни претставува задоволство да го поддржиме Брако, еден од водечките производители на жичени и метални производи на Западен Балкан. Континуираната имплементација на нови современи технологии достапни на пазарот, на енергетски ефикасен начин, претставува важен составен дел за конкурентен и успешен бизнис. Сигурни сме дека со финансирањето на овој проект,ќе му помогнеме на Брако да го зајакне портфолиото на производи и извозот на странските пазари.”
Кочо Анѓушев, Претседател на Бордот на директори на Брако, додаде: ,,Посветени сме на постојано проширување на нашите производствени капацитети преку набавка на нова и поефикасна опрема. Сакаме да го подобриме квалитетот на нашите производи, да ги намалиме оперативните трошоци и да го зголемиме производниот капацитет со цел да го задоволиме растот на побарувачката. Благодарение на ЕБОР ќе можеме да ги постигнеме нашите цели.”
ЕБОР започна да инвестира во македонската економија во 1993 година. До денес во земјата, има финансирано во 99 проекти со нето кумулативен обем од над 1,6 милијарди евра.