
– Согласно Законот за измени и дополнувања на Законот за Владата и Законот за измена и дополнување на Изборниот законик (Службен весник на РМ бр. 196/2015), како и согласно Договорот од 2 јуни и Протоколот од 15 јули 2015 година, на 24 април 2016 година ќе се организираат предвремени избори за пратеници. Сто дена пред одржувањето на изборите, Собранието на Република Македонија ќе избере нова Влада за спроведување избори за пратеници. Оттука, главен стратешки приоритет и цел на Владата ќе биде спроведување фер и демократски избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, се наведува во Предлог-работата на новата Влада доставена до Собранието.
Спроведување на изборите на пратеници, како што стои во текстот, ќе се темели на Уставот на Република Македонија и Изборниот законик, како и имплементација на стандардите на ОБСЕ/ОДИХР и на Европската комисија.
– Со цел успешно спроведување на изборите за пратеници, Владата ќе остварува целосна соработка со Државната изборна комисија, Канцеларијата на Народниот правобранител, набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и сите останати релевантни чинители, во насока на промовирање доверба во изборниот процес со цел создавање услови за одржување фер и демократски избори, кои ќе ја отсликуваат избирачката волја на граѓаните на Република Македонија, се посочува во Предлогот.
Со цел задржување на континуитетот во работата на претходниот состав на Владата на Република Македонија, Владата на Република Македонија ќе остане на утврдениот курс за остварување на Програмата на Владата избрана од Собранието на Република Македонија на 19 јуни 2014 година.
Од овие причини, се наведува меѓу другото, остануваат стратешките приоритети дефинирани во Програмата на Владата од 2014 година и тоа зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот, интеграција на Република Македонија во Европската унија и НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, одржување добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор и инвестирање во образование, иновации и информатичка технологија, како клучни елементи за креирање општество базирано на знаење.