
ЈП Водовод и канализација – Скопје официјално го потпиша договорот со Рудници и Железарница Услуги АД – Скопје (за комплексот Железара) околу наплатата и цената на водата која ја користат истите.
Како што информираат од Водовод и канализација, според договорот, РЖ Услуги АД – Скопје треба да ги подмирува трошоците кон ЈП Водовод и канализација – Скопје по цена од 2,54 денари за кубен метар. Паралелно со ова, истовремено се води и судски спор за тоа дали РЖ Услуги АД – Скопје треба да плаќа вкупна цена од 46,63 денари. Оваа цена не ја вклучува и канализацијата, бидејќи тие користат сопствена.
ЈП Водовод и канализација – Скопје ја покрена оваа иницијатива кон средината на минатата година, бидејќи договорите кои биле склучени во далечната 1971-ва година и 1997-ма година со РЖ Услуги АД – Скопје беа крајно штетни за јавното претпријатие но и покрај тоа останале на сила сиве овие години.
Ние сме задоволни што ова раководство на ЈП Водовод и канализација – Скопје, заедно со Градот Скопје, издејствува по цели 45 години да се промени гореспоменатиот договор. Ние и понатаму ќе продолжиме да работиме за интересите на граѓаните на Град Скопје, велат од претпријатието.