
Вториот грчки министер за миграциска политика, Јоанис Музалас денеска изјави дека белгискиот министер за внатрешни работи, Јан Јамбон поставил прашање за создавање на камп за 300-400 илјади мигранти во Грција.
Прашањето, според него било поставено вчера на средбата на министрите за внатрешни работи на ЕУ, што се одржа во Амстердам.
– Шенгенскиот договор е во опасност на европско ниво. Европа е во страв, истакна Музалас, додавајќи дека ситуацијата во Грција во однос на бегалската криза е сериозна.
Грчкиот министер нагласи дека центрите за регистрација и идентификација на мигранти ќе бидат готови кон крајот на месецов, а на почетокот од март веќе ќе почнат да функционираат.
Во текст за денешното издание на „Фајнешал тајмс“ новинарот Гидеон Рахман предлага Грција да ја затвори границата, да прими мигранти и да создаде бегалски кампови на островите во замена за отпишување на грчкиот долг, што ќе биде прифатено од Германија.
Германија, Австрија и Шведска се заканија со исклучување на Грција од Шенген зоната доколку не ги преземе неопходните мерки за ограничување на бегалскиот прилив.