ВМРО-ДПМНЕ одржа трибина меѓу младите кичевчани

Високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржаа трибина во Кичево. Тие ги слушнаа идеите на граѓаните, кои ќе бидат детално разгледани и како проекти ќе станат дел од новата програма на партијата.

На трибината пред граѓаните беше истакнато дека политички кризи предизвикуваат политички партии кои не можат да го добијат вниманието кај луѓето.

-Тие сакаат да има политичка нестабилност или криза за да можат да се докажат или да наштетат. Сведоци бевме кога Заев создаде криза да ја демолира убедливата победа која ја освоивме. Тие ги ставија институциите во ризик за исполнување на свои лични апетити и неисполнети амбиции. СДСМ доби се што бараше, а сега бега од избори. Од избори бегаат затоа што знаат дека нема да победат, а тоа се должи на нивната неспособност да ја добијат довербата кај граѓаните, рече Милошоски.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните на Кичево говореа за дел од крупните проекти кои се спроведени во овој град и низ цела Македонија.

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски потенцира дека ветувањата на СДСМ се нереални и дека партијата нема концепт, а од другата страна граѓаните ги имаат реалните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ и големите проекти.

Мисајловски потенцира дека во моментов се работи на градба на три автопати и повеќе регионални патни правци, но потенцира дека продолжува и работата на терен како увид за се она што треба да се сработи понатаму.

Пред младите од Кичево, Мисајловски вети дека ќе се заложи за проектот „Купи куќа за млади“ и дека ако кичевскиот градоначалник не изработи проект, тоа ќе го направи тој како министер.