
Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски денеска се сретна со државниот министер за Европа во германското министерство за надворешни работи, Михаeл Рот.
На средбата се разговарало за предизвиците и перспективите во европската и евро-атлантската интеграција на Република Македонија, како и за мигрантско – бегалската криза.
Министерот Попоски ја реафирмираше важноста и улогата на Германија како стратешки партнер за Република Македонија во процесот на интеграцијата во Европската унија и НАТО.
На европската перспектива на Македонија треба да и се даде кредибилитет со што поскоро започнување на преговорите. Како и во изминатите седум години, Македонија останува целосно подготвена за процесот на пристапни преговори.
Внатрешните политички предизвици се надминуваат низ инклузивен процес кој треба да се заокружи час поскоро и без одлагање со претстојните парламентарни избори во април. Кредибилни избори и суштински напредок по клучните приоритети за зајакнување на правната држава и економскиот развој на земјата остануваат во фокусот на активностите на владата.
Министерот Рот ја акцентираше принципиелната германска поддршка за интегративните процеси на РМ во ЕУ и НАТО, потенцирајќи ја важноста на имплементирањето на политичкиот договор и почитувањето на препораките содржани во последниот извештај на Европската комисија за Република Македонија.