
Грција денеска е парализирана. Поради генерaлниот штрајк што беше свикан од страна на двата најголеми синдикати на вработените во државниот и јавниот сектор, а е насочен против плановите на Владата за реформи во пензиското и социјалното осигурување, денес нема да има никаков превоз.
Во Грција не работи градскиот и железничкиот транспорт, морнарите ќе штрајкуваат денеска и утре, a домашните авиокомпании одложија десетици летови, а во меѓународниот авиосообраќај ќе има повеќе доцнења.
Како што јавува „Катимерини“ денес нема да работат ниту метрото, ниту тролејбусите и трамвајот во грчкиот главен град, а дополнително кон генералниот штрајк се приклучиле и такси возачите.
Покрај тоа, како што наведува весникот, дополнителен проблем за возачите ќе биде и тоа што во текот на денешниот ден нема да работат ниту бензинските станици.
Во штрајкот учествуваат адвокатите, нотарите, фармацевтите, а болниците работат само со неопходен персонал. Затворени се бензинските пумпи, а штрајкуваат и таксистите.
Грчките новинари исто така се приклучија кон генералниот штрајк, но со цел настанот медиумски да биде покриен, новинарите својот протест го изразија вчера.