
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на 21 септември 2015 година побарала службен стан од Владата на Република Mакедонија или пак закупнина на стан во Скопје, пишува „Курир“.
Како што дознава порталот, во барањето упатено до Комисијата за станбени прашања при Владата на Република Македонија, Јанева навела дека живее на повеќе од 100 километри од Скопје и дека очекува позитивен одговор согласно Одлуката за начинот и постапката за остварување на надоместокот за закупнина на стан. Ова барање е доставено само на една недела по нејзиниот избор за прв човек на СЈО.
Во него како аргумент Јанева наведува дека не поседува во сопственост стан или куќа во Скопје. Во прилог на тврдењето Јанева до комисијата приложила и изјава од нотар. Во нотарската изјава Катица Јанева практично отстапува од исказот наведен во барањето упатено до Владата и тврди дека таа и членовите на потесното семејство немале во сопственост или под закуп стан или куќа во површина од најмалку 80 м2 во Скопје.
Зошто Јанева одлучува да ги вметне овие 80 м2 во исказот пред нотар, кога самата претходно тврди дека нема никаков имот станува јасно ако се погледне нејзиниот имотен лист. Од тоа што може да се утврди, овие два стана се под 80 м2 и веројатно тоа е причината за манипулацијата, односно разликата во барањето упатено до Владата и исказот даден пред нотар.
Според информациите кои ги имаме, до ноември се уште не е извршена промена во катастарот и префрлање на становите на име на нејзините деца. Дали станува збор за давање на лажен исказ, што е кривично дело или обид да се извлече лична корист од функцијата на која што беше поставена заради надминување на кризата ќе покаже натамошната постапка.
Што поседува Јанева според Анкетниот лист?
На новата функција е шест месеци и за половина година купила два стана во Скопје за нејзините деца и еден автомобил. Во деталниот преглед објавен на официјалниот сајт на Државната комисија за спречување на корупцијата, наведени се промените во нејзината имотна состојба, пишуваше вчера весникот ВЕЧЕР.
(Клик за зголемување на фотографијата)
Минатата година, очигледно откако стапи на функција, бидејќи податоците ги немаше во анкетниот лист кој беше објавен веднаш по нејзиното стапување на функција, купила два стана во Скопје, едниот од 68 м/2, а другиот од 72 м/2 и ги пријавила како имот на нејзините деца. Купила и автомобил голф 4, исто така имот на деца, кој официјално стои дека го купила во 2014, но нејасно е зошто тогаш тој автомобил го нема во првиот анкетен лист кој беше објавен непосредно по нејзиното стапување на функција. Во деталниот преглед на нејзиниот имотен лист е наведено дека поседува моторно возило Ровер 45, а како имот на нејзиниот покоен сопруг стои моторно возило хингај, кое исто така го нема во првичниот анкетен лист. Претходно, Катица имала рено 5 кампус, пишува ВЕЧЕР.
Во претходниот анкетен лист стоеја две куќи на име на нејзините родители – едната од 130 м/2 во Гевгелија, вредна 100.000 евра и другата во Смоквица, вредна 5.000 евра. Во најновиот анкетен лист пак на нејзино име стои куќа од 374 м/2 вредна 100.000 евра, која, како што е наведено, ја стекнала со наследство.
Откако стана специјален јавен обвинител, Катица си зела две кредитни картички: мастер голд со лимит од 2.500 евра, и американ експрес од Алфа банка со лимит од 3000 евра.
Во 2014 подигнала два кредити – едниот од речиси 60.000 евра, другиот од 27.000 евра, кои исто така од непознати причини ги нема во претходниот детален преглед, кој беше објавен минатата година во септември кога Катица беше избрана на функцијата специјален јавен обвинител. Минатата година, таа и нејзиниот сопруг зеле уште два кредити, едниот 30.000 евра, другиот во висина од 10.000 евра. Во најновиот анкетен лист објавен на официјалниот сајт на ДКСК, пишува дека Јанева има кредит од 660.000 денари земен во 2015 година со рок на отплата од 10 години, на име на нејзиниот брачен другар, кој инаку починал пред повеќе од две години, објавува весникот.
На нејзино име пријавила плац од 263 квадратни метри во Конско вреден 1.000 евра и наследила земјоделско земјиште од 20.000 евра.