
Тој истакна дека традицијата за производство на грозје и вино во Тиквешијата и во Македонија е вековна и оти уште од дамнина е забележано дека во Македонија и Тиквешијата се создаваат чудесно моќни вина со мириси на југот.
– Секој којшто дошол кај нас и пиел од нашето вино рекол дека е најдоброто и највкусното вино кое некогаш го пробал. Вие и вашиот труд сте заслужни за тоа и знаете дека ја имате и секогаш ќе ја имате нашата поддршка и преку субвенции и преку промоција на виното, нагласи Ставрески.
Тој, посакувајќи бериќет за семејствата од цела Тиквешија и Македонија, потенцира дека лозарството и винарството се столбот на македонската економија.
– Во една прилика побаравте да се скрати рокот во кој винарските визби мора да го исплатат грозјето и ние најсериозно го разгледавме тоа прашање и тоа ќе биде поставено на Влада и ќе влезе во нашата програма па ќе настојуваме исплатата да биде што е можно понавремена за лозарите, нагласи Ставрески пред кавадарчани.
Пред присутните се обрати и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов, кој истакна дека времето им е наклонето на лозарите, но не и винарските визби и па побара да се намали рокот до кој винарите мора да го исплатат грозјето и исплатата да биде побрза се со цел, како што рече, винарите да не си ја сечат гранката на која што седат.