Според него, се е поврзано со развојот на ситуацијата. Како што информиравме претходно, рече Орав, ќе ја процениме ситуцијата не подоцна од 20 февруари.
Од една страна 24 април е дел од договорот како ден за предвремени избори, но од друга страна има многу задоцнувања во имплементацијата на договорот од Пржино. Па така сите страни се во право, рече евроамбасадорот Орав.
Орав: Ситуацијата се оценува во три области
Тој потсети дека ја оценуваат ситуацијата во три области за подготовката за изборите и тоа прво ДИК и Избирачкиот список, во однос на персоналот на ДИК и ревизијата на Избирачкиот список, второ медиумите-балансирано известување и договорот на четирите партии за медиумите, одвојувањето помеѓу државата и партиите, како и притисоци и закани.
Информираше дека минатата вечер до 01.30 траела средбата за медиумите на работните групи во Клубот на пратениците и најверојатно средбите ќе продолжат денеска.
Можеби се уште може да се постигне нешто. На 19.февруари во петок ние ќе ја претставиме нашата проценка, повтори Орав.
Вицепремиерот Фатмир Бесими прашан како ќе се однесува Владата доколку ЕУ оцени дека нема услови да се одржат предвремени избори на 24.април, одговори дека во вакви политички чувствителни приоди не би сакал да шпекулира.
Треба да се испочитува целосно политичкиот договор и Македонија да спроведе фер и демократски избори согласно меѓународните стандарди, кои ќе овозможат понатаму да се фокусира на реформите и да се обезбеди евроатлантската перспектива. Интересот на државата е да ги направи што побргу сите потребни реформи за да се отиде на демократски и слободни избори, за да можеме да се фокусираме на реформите и на економскиот развој, рече Бесими на прес-кофнеренцијата.
ДУИ, како учесник во разговорите, подвлече Бесими, како политички субјект инсистира да има афирмативна и конструктивна улога. Политичката спогодба, рече, да се импелемнтира во целост во интерес на граѓаните и иднината на Македонија.