
Ракометарките на Вардар во недела во СЦ „Јане Сандански“ ќе одиграат уште еден натпревар против европскиот шампион и лидерот на табелата во групата 2 Будуќност.
По триумфот во вторникот на гостувањето против Букурешт, „вардарки“ се во серија од две победи, но посакуваат победа и над европскиот првак.
На денешниот прес тренерот Индира Кастратовиќ истакна дека ова е натпревар од големо значење.
Одиме на прва победа над Будуќност. Добро работевме и очекувам да ја повториме добрата игра од дуелот со Букурешт. Будуќност игра добра одбрана и ако сакаме победа мораме да ја минеме границата од 22 постигнати гола.
Триумф и продолжување на добрите игри очекува и Сања Дамњановиќ:
Сакам во недела да играме пред полна сала. Тоа што го одигравме во Подгорица беше само лош ден, лошо издание. Не очекува голема борба. Клучот за победата е да ја „пробиеме“ нивната одбрана, предводена од одличниот голман (Марта Ждериќ), која брани во одлична форма. Многу вложуваме и очекувам два бода.
Во најавата претседателот на клубот Гордана Нацева најави дека ова ќе биде атрактивен натпревар и дека присутните гледачи во недела ќе имаат можност да видат два учесника на „Ф4“ турнирот.
Натпреварот ЖРК Вардар – Будуќност се игра во недела со почеток во 17:30 часот.