
Претседателот Ѓорге Иванов заедно со сопругата Маја денеска во Кратово присуствуваше на чествувањето на св. Ѓорѓи Кратовски, патронот и заштитникот на градот.
Обраќајќи се пред присутните, Иванов истакна дека ваквите празнувања се можност за заедништво, дружење и сплотување, а традицијата на Кратово е нешто со кое се гордее цела држава.
– Денес, чествувајќи 501 година од маченичката смрт на Ѓорѓи Кратовски, сведоци сме дека вистинската верба и љубовта кон бога и духовноста се неуништливи. Ѓорѓи Кратовски проживеа краток 18-годишен земен живот, а веќе пет века е дел од нашата историја и традиција, рече Иванов, додавајќи дека денот на Ѓорѓи Кратовски треба да биде инспирација за сите христијани.
Според македонскиот претседател, традицијата и културното наследство на Кратово се основа за натомошен културен и туристички развој.
За време на чествувањето Иванов присуствуваше на литургијата во црквата „Св. Ѓорѓи Кратовски“, како и на црковната церемонија на прекршување на патронскиот колач и водокрстот.