
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи изутринава во 6 часот и 10 минути на магистралниот пат Струмица-Радовиш меѓу селата Владевци и Радичево две лица го загубија животот.
Според информациите од струмичката итна помош, двете лица загинале на самото место. Уште едно лице е потешко повредено и е префрлено на хируршкото одделение во болницата во Струмица.

Засега нема информации за други повредени.
Сообраќајката според првичните сознанија се случила при директен судир на патничко моторно возило пасат со штипски регистарски таблички и камион.
Како што јавува порталот Струмица денес по судирот возилото целосно изгорело, а камионот е превртен од спротивната страна на патот. На лице место се противпожарната единица, амбулантно возило и полициски екипи. Останатите возила се пренасочуваат кон тесниот црн пат веднаш до магистралниот.

Истражните органи треба да утврдат како дошло до несреќата.
АМСМ информира дека поради сообраќајната несреќа сообраќајот на патот Струмица – Радовиш е во прекин во двата правца.