
Експертите ангажирани од Државната изборна комисија (ДИК) денеска го започнаа вкрстувањето на податоците од десет бази на податоци добиени од релевантни државни институции, соопштува ДИК.
Вкрстувањето на податоците е дел од процесот на прочистување на Избирачкиот список.
На овој процес, како што стои во соопштението, му претходеше стандардизирање, нормализирање и валидација на податоците од базата на Министерството за внатрешни работи (МВР) со базите на Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика, Управата за водење матични книги, Централниот регистар, Народната банка и Управата за јавни приходи.