
Два фериботи со околу 700 бегалци и мигранти денеска пристигнаа во Пиреја.
Според пристанишните власти, во чекалните за патници во Пиреја во моментов се сместени 3.070 бегалци и мигранти, а едната од нив на излезот Е-2 е преполна, па многу шатори се поставени и надвор од објектот.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, се очекува Црвениот крст да подели храна за луѓето, а денеска треба да почне да работи и диспанзер кој ќе го постави Медицинската асоцијација на Пиреја.
Во меѓувреме, во близина на малиот карпест остров Зурафа е пронајден дрвен чамец со 110 мигранти и беглаци меѓу кои имало 40 деца и бебиња. Дрвениот чамец го забележала патрола на грчката крајбрежна стража и веднаш ги префрлила луѓето во пристаништето Александрополис. Мигрантите во моментов се идентификуваат, а потоа ќе бидат испратени во првиот прифатен центар во Орестида.
Во Идомени, пак, моментално има 13.000 бегалци и мигранти. Условите во кампот се многу тешки со оглед на тиа што врнеше последните два дена, така што шаторите на бегалците се целосно мокри, а земјата е претворена во кал.
Според вчерашни податоци, во Грција има 34.183 бегалци и мигранти.