
Во Свечената сала на ОУ „Димитар Миладинов” вчеравечер се одржа завршната презентација на првиот циклус од програмата „Млади атлети” на Специјална oлимпијада.
Програмата „Млади атлети“ на Специјалната oлимпијада е програма со забавно-спортски активности во раното детство кај деца на возраст од 2 до 9 години и вклучува игри, песни и други забавни физички активности.
Во програмата учествуваа деца со интелектуална попреченост и деца без пречки во развoјот, нивни врсници, од училиштaта „Јохан Хајнрих Песталоци” и „Кочо Рацин” за да може директно да се прикаже надминувањето на предрасудите и стигматизацијата низ детската игра.
Нашите млади атлети низ ова програма учат основни спортски вештини, како што се шутирање и фрлање топка и меѓусебно играње. Тие ги вежбаат своите спортски вештини, се стекнуваат и со моторни вештини, како што се рамнотежата, флексибилноста, силата и координацијата. Всушност, една неодамнешна студија покажа дека децата со пречки во развојот, кои учествувале во структурната 8-неделна програма за млади атлети, покажале значително повеќе развиена моторика од оние што не учествувале во неа. Не само тоа, туку и нивните учители и родители исто така забележале подобрена самодоверба, јазични и друштвено-социјални вештини. Друга придобивка е што семејствата повеќе играле заедно дома и во околината.
Оваа прва генерација на „Млади атлети” на Специјална олимпијада своите тренинзи ги одржува во салата на О.У. Димитар Миладинов и нејзиното реализирање е овозможено со несебично вложување на волонтерскиот тим на Специјална олимијада и неколку ученички од гимназијата НОВА.
Целта на Специјалната oлимпијада е да го удвои учеството во програмата „Млади атлети“ до 2017 година, а со тоа да овозможи сензибилизирање на децата за нивните врсници со интелектуална попреченост и заедничко дружење.