Попоски за грчка „Мега ТВ“: Не носете бегалци на Идомени

Затворањето на границата не е еднострана одлука, не треба да се носат нови бегалци на Идомени, за да се изврши притисок кон соседната земја, постои безбедносно прашање поврзано со мигрантскиот бран.

Ова се дел од пораките кои македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски ги упатува во интервјуто за грчката телевизија Мега.

Тој воедно изрази загриженост за ситуацијата на македонско – грчката граница.

-Мислам дека е навистина загрижувачки, бидејќи е очигледно дека постои хуманитарна криза. Од друга страна, разговаравме со нашите колеги дека не е решение да се носат повеќе мигранти на границата, да се поставуваат нови шатори, за да се изврши притисок врз следната земја – изјави Попоски.

Пораката на Туск на Твитер, со која им заблагодари на земјите од Западен Балкан,  Никола Попоски, ја толкува како задоволство од имплементирањето на одлуките донесени на ЕУ самитот и потенцира дека Македонија не презела никаква еднострана активност, туку ги следи токму овие одлуки од унијата. Додека пак шефот на македонската дипломатија, исто како и претседателот Иванов, мигрантскиот бран го поврзува со безбедноста и џихадистите, пренесува Канал5.

– Секако постои и безбедносно прашање поврзано со мигрантскиот бран, не само со фактот што имавме напади во Париз, туку очигледно, барем некои од овие поединци го користеле овој пат – рече Попоски.

Грчките власти пак почнаа да делат флаери на 3 јазици со кои ги известуваат мигрантите и бегалците дека границата со Македонија е затворена и бараат од нив соработка за сместување во некои од прифатните центри.