Микл-Лајтнер: Сега затворете ја и источнобалканската рута

По западнобалканската, сега треба да се затвори и т.н. источнобалканска рута, порача министерката за внатрешни работи на Австрија, Јохана Микл Лајтнер.

– По затворањето на западната балканска рута и договорот на ЕУ со Турција, постои потенцијал од 1,1 милион луѓе, кои би можеле да тргнат на пат кон Бугарија, предупреди таа во изјава за австриската државна телевизија ОРФ.

Микл-Лајтнер истовремено укажа дека е скептична кон спогодбата меѓу ЕУ и Турција, додавајќи дека таа не го решава проблемот.

Според неа, веќе се гледаат алтернативи на движење во правец на Бугарија, бидејќи е затворена границата на Македонија кон Грција.

Микл-Лајтнер нагласи дека е воочена и зголемена активност на криумчарите со луѓе во правец на Бугарија, како и дека тука се создава нов коридор за масовна миграција.

– Поради тоа потребно е да се вложат напори кон тој дел на Европа, додаде таа и напомена дека веќе му наложила на генералниот директор за јавна безбедност да се подготви за ова сценарио.