Стартува пролетниот дел од Јуниор лигата на Вардар

Раководството на Вардар стартува со пролетниот дел од сопствената Јуниор лига, а првите средби се предвидени да се одиграат на 2 и 3 април. Засега ова е единствен ваков проект во македонскиот фудбал, а целта е сосема јасна. Идејата е да се поттикне голем интерес за фудбалот кај сите млади таленти низ целата земја, а со тоа и да им се овозможи да имаат соодветни услови за развој и, секако, да ги совладаат сите тајни на фудбалската игра.

Сето ова ќе биде под патронат на најтрофејниот фудбалски клуб во земјата.

Инаку, по петте есенски кола и успешно организираниот завршен турнир на стадионот во Ѓорче Петров каде што беа одиграни околу 70 меча и постигнати над 300 гола, сега фудбалските надежи ги очекува и возбудлива пролет.

На терен, покрај тоа што ќе се најдат момчиња родени од 2002 до 2005 година од екипата на Вардар, ќе бидат и уште осум екипи од регионални единици од целата земја. Се работи за: ФК Мал Ајакс-Вардар (Штип), ФК Тотал фудбал-Вардар (Ресен), ФК Еврофудбал – Вардар (Охрид), ФК Куманово Еуроспорт – Вардар (Куманово), ФК Слога 1934 – Вардар (Виница), ФК Спортефе – Вардар (Скопје), ФК Форца – Вардар (Скопје) и ФК Валандово – Вардар (Валандово).

По есенскиот дел од натпреварите на овие тимови во соодветните младински категории на Вардар беа регистрирани неколку млади и талентирани играчи. Тие добиваат шанса да играат во младинските состави на Вардар, па ова е надеж и за нови играчи кои ќе се истакнат во пролетниот дел.

Есенската полусезона беше повеќе од успешна за: Виктор Петковски – ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2001); Александар Ѓорѓиевски – ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2000); Дамјан Ќосевски – ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2003); Филип Ѓорѓоски – ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2003); Мартин Ѓорѓиевски – ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2002); Петар Гугуљанов – ФК Валандово-Вардар, Валандово (генерација 2002);Давид Денковски – ФК Еуроспорт-Вардар, Куманово (генерација 2000); Филип Антовски – ФК Еуроспорт-Вардар, Куманово (генерација 2000).