
Бомбашот самоубиец кој се разнесе во детски парк во пакистанскиот град Лахоре, каде загинаа најмалку 72 лица е идентификуван како Гулам Фарид (28) од округот Музафаргар, пренесуваат медиумите.
Противтерористичката полициска единица изврши рација и приведе 15 лица осомничени дека се поврзани со нападот, а меѓу нив се и тројцата браќа на бомбашот, пренесува „Спутник“.
Во нападот се повредени голем број жени и деца, а според досегашните информации повредени се над 300 лица.
Одговорноста за нападот ја презема талибанската фракција „Џамат ул ахрар“ која што соопшти дека мета биле христијаните и дека милитантите сакале да му испратат порака на премиерот Наваз Шариф дека пристигнале во Лахоре.
Инаку, денес во пакистанскиот град се затворени пазарите, училиштата и судовите, а во градот е прогласена жалост.