
Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска по четврти пат беше одложена поради, како што рече нејзиниот претседател, Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, неприсуството на специјалната обвинителка Катица Јанева.
За жал, не се создадени условите за отпочнување на Комисијата затоа што госпоѓата Катица Јанева смета дека таа треба да биде единствениот функционер во Република Македонија кој не треба да дојде во највисокиот законодавен дом и дека може сите институции и Претседателот, и Собранието и судовите и другите институции да ги прогласи за нелигитимни единствено себе сметајќи се за легитимна, рече Ѓорчев.
Собранието, додаде, е највисокиот законодавен дом на Република Македонија.
– Во Собранието на Република во изминатите 25 години доаѓале сите претседатели на државата, и Киро Глигоров, и Борис Трајковски, и Бранко Црвенковки, и Ѓорге Иванов. Граѓани ги гласале и ги бирале. Доаѓаат сите премиери на државата, сите министри, сите избрани и именувани функционери, но госпоѓата Катица Јанева смета дека не треба да дојде во овој Парламент, рече Ѓорчев.
Тој констатираше дека не се создадени елементарните услови за почеток на оваа седница и дека дополнително ќе ја закаже.
Пратениците од СДСМ не дојдоа во закажаниот термин на Комисијата. Тие минатата недела најавија дека веќе нема да доаѓаат на седницата на која на дневен ред ќе биде Извештајот на Јанева.
Јанева исто така минатата недела најави дека нема да присуствува на комисиските седници и на пленарната седница кога ќе биде разгледуван Извештајот за работата на специјалното обвинителство.