Десетици исчезнати лица од потонат чамец со мигранти крај либискиот брег

Неколку десетици мигранти се сметаат за исчезнати, откако нивнот чамец потонал крај либискиот брег на пат за Италија, преку Средоземно Море, информира синоќа портпаролот на либиските военопоморски сили, цитиран од британските медиуми.

Претходно вчера италијански официјални претставници соопштија дека нивната Крајбрежна стража и воени бродови само во средата во јужниот дел на Средоземно Море  од мали пловни објекти и гумени чамци спасиле 1.361 мигранти.

Либискиот портпарол Ајуб Касем изјави дека военопоморските патроли пресретнале чамец со 120 нелегални мигранти крај брегот недалеку од Сабрата, а, исто така, спасиле и 32 лица од чамецот што потонал. Не е јасно, меѓутоа, колку лица од чамецот недостасуваат.

Во текот на последните неколку дена е забележано драстично зголемување на бројот на луѓе кои трагнуваат на ризичниот пат од Северна Африка до Европа, забележуваат британските медиуми. Тоа се објаснува со подобрувањето на временската состојба, што на шверцерите и превозниците им дозволува во морето да извадат повеќе пловни објекти.

Освен тоа, италијанските власти изразуваат стравување дека по спогодбата за ограничување на миграцијата преку Турција и Грција можно е повторно да се засили дотокот на мигранти од Либија кон Италија.

Засега, меѓутоа, повеќето мигранти се од африканските земји, јужно од Сахара, и нема значително зголемување на бројот на Сиријци, Ирачани и Авганистанци.