Макотрпно работиме за унапредување на здравствениот систем

Но, гледајќи ги светските и искуствата од нашата држава, чувствуваме потреба да им укажеме на паровите дека би било добро постапката да ја започнат што порано, бидејќи евидентен е успехот на забременуваање кај осигуреничките под 37 години, а над таа возраст, шансата за успешно ин витро прогресивно опаѓа.

*Фондот за здравствено осигурување изминатиов период промовираше поголем број на електронски услуги со кои осигурениците можат на поедноставен начин да го остварат своето право од здравствената заштита. Кои се придобивките од воведувањето на електронските услуги?

д-р Сашо Стефаноски: Како една од стратешките цели кон која Фондот континуирано се стреми е здравствените услуги да ги направи достапни за сите осигуреници, фирмите и за здравствените работници, и на еден брз, лесен и ефикасен начин да може да го остварат своето право. Согласно тоа, воведовме сет од електронски услуги како алтернатива на класичното поднесување на документи и оставарување на право од здравствена заштита.

Придобивките од електронските услуги се евидентни и за Фондот, и за осигурениците, здравствените работници и овластените лица од фирмите бидејќи се елиминирани гужвите и редиците пред шалтерите на ФЗОМ. Електронските услуги се достапни 24 часа, избраните податоци се видливи и достапни и што е најважно за осигурениците и овластените лица е тоа што имаат информација во реално време до каде е статусот на нивниот предмет и кога ќе биде постапено по барањето. Со новите електронски услуги, осигурениците ќе може самостојно да поднесат електронско барање како и да ги прикачат сите потребни документи (скенирани) преку својот профил на порталот на Фондот. Истите ќе треба да ги потпишат со својата електронска здравствена картичка. За поедноставно и точно информирање кои се потребните чекори и како да се користи електронската услуга, подготвивме видео туторијали, кои се краток водич како чекор по чекор на едноставен начин да се користат електронските услуги и тие се јавно достапни на веб страницата на Фондот.

Saso-Stefanovski3
ФОТО: Нетпрес

Покрај ова, продолжуваме да работиме на остварување на целта, е-Фонд, со цел осигурениците, овластените лица од компаниите и здравствените работници да добиваат ефикасна, навремена и професионална услуга кога истата им е потребна. Со најновите 15 електронски услуги, кои ги нуди Фондот за осигурениците и правните лица, сега над 90 отсто од сите услуги и права на Фондот можат да се добиваат електронски.

*Фондот за здравствено осигурување направи измени и во делот на ортопедските помагала. На што се ооднесуваат овие измени и кои категории на граѓани се опфатени со измените?

д-р Сашо Стефаноски: Направивме два крупни исчекори во делот на ортопедски помагала. Првиот се однесува за обезбедување на храна за лица со ретки болести на товар на ФЗОМ. Тие се есенцијални нутритивни продукти за лицата со ретки болести на товар на ФЗОМ.

Ова го направивме преку воведување на нова група помагала, суплементи за дигестивни и метаболни заболувања, и тоа безглутенско брашно за лицата заболени од Ret Syndrome и безпротеинско брашно и млеко за лица заболени со фенилкетонурија. Дополнително, овозможивме нутритивни продукти за лица со ретки болести, а тоа се, посебни видови на брашно, млеко и масло за јадење кои што претставуваа основна исхрана и лек за овие лица.

Saso-Stefanovski6
ФОТО: Нетпрес

Храната за лица со ретки болести на товар на Фондот значат и голема заштеда на овие лица и нивните фамилии, затоа што тие се изложени на месечен трошок од 4.000 до 35.000 денари за храна. Односно 4.000 денари за безглутенското брашно, 20.000 денари месечно за безпротеинското брашно и млеко, околу 10.000 денари за Хипоалергена формула на млеко со 55-80 отсто на средноланчани триглицериди и 3.000 денари за СЛТ маслото.

Вториот крупен чекор е воведување на електромоторна инвалидска количка – скутер за лица од 7 до 26 години и постари од 65 години со траен инвалидитет. Ова ново помагало ФЗОМ го воведе како резултат на соработката со националниот сојуз на инвалидизирани лица – Мобилност, како поквалитетно решение во корист на осигурениците. Македонија, веднаш по Словенија, е единствена земја во регионот, која овозможува електромоторна количка-скутер. Со ова ново право, кое за прв пат се воведува, осигуреникот кој стекнува право на универзална количка на рачен погон, може да одбере електромоторна количка скутер како и собна инвалидска количка.

*На полето на лековите во изминативе години слушаме за големо поефтинување на лековите. Што се’ преземавте за цените на лековите да бидат намалени?

д-р Сашо Стефаноски: Ова е системска мерка со добро утврдена методологија со која во рок од четири години се намалени цените на над 4.700 лека во Република Македонија. Повеќето лекови многукратно поефтинија од претходно и станаа подостапни за граѓаните и се направи заштеда во здравствениот систем од околу 33 милиони евра. Намалувањето на цените на лековите влијае не само на заштеда во здравствениот систем, туку е и заштеда на осигурениците, кога подигнуваат лек на рецепт.

Со намалување на цената на лекот се намалува и партиципацијата која ја плаќаат граѓаните при подигнување на лекот, а Фондот секогаш има во предвид да обезбеди осигурениците да можат да подигнат лек на рецепт без доплата. Во изминатиот период, за лековите на рецепт, овозможивме 299 генерики од Позитивната листа да бидат без доплата. Тоа значи 76,5 отсто од сите лекови по генерика на рецепт, да можат да бидат подигнати од осигуренциите од аптека без доплата, само со минимална партиципација.

Saso-Stefanovski4
ФОТО: Нетпрес

Порано ова не беше случај и само 77 генерики имаа лек без доплата, а тоа значеше големо оптоварување на семејниот буџет, особено кај оние лица кои редовно користат хронична терапија. Дополнително на ова, преку намалување на цените на лековите, а со тоа и партиципацијата на лековите која ја плаќаат граѓаните, овозможивме 85 отсто од лековите по заштитено име да се без доплата, или со минимална доплата до 50 денари по рецепт. Фондот со ова постигна 1.035 лекови на рецепт по заштитено име да бидат исклучително достапни за граѓаните.

*За крај, би Ве прашале за една тема која е доста актуелна кај младите родители, а тоа се вакцините. Дали се воведени поквалитетни вакцини во изминатиот период?

д-р Сашо Стефаноски:  Да, воведени се и тоа со воведување на поливалентни вакцини. Со поливалентните  (петтовалентни и шестовалентни ) вакцини во чекор сме со најнапредните здравствени системи, а исто така се намалува и бројот на боцкања, и тоа речиси за двојно, односно од 13 на 7 пати во текот на првите 18 месеци од животот на децата. Со едно боцкање најмладите се штитат од многу болести.

Со тоа се овозможува растоварување од психолошкиот притисок и на родителите, но и на децата поради помалкуте боцкања и доаѓања на лекар. Исто така се овозможува простор за воведување нови вакцини за заштита на здравјето на децата, бидејќи е докажано дека со вакцината постигнуваме колективен имунитет и стабилен епидемиолошки статус.