
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски учествуваше на Министерска конференција на Западен Балкан, која се оддржа во Драч, Република Албанија. Министрите за надворешни работи од 6-те балкански земји и Чешката република, како претседавач на Вишеградската група, со комесарот Хан разговараа за Париската конференција која треба да се оддржи на 4-ти јули оваа година.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи, фокусот беше на статусот на проектите за регионална поврзаност од претходна Виенска конференција во 2015 година, како дел од Берлинскиот процес за највисока политичка поддршка на идно членсто на балканските земји во ЕУ. Донесени се заклучоци за основање на младинската регионална канцеларија и проекти за мобилност на студенти и вработени во државните администрации помеѓу земјите од регионот.
Треба да се интегрираме како регион помеѓу нас, паралелно со интегрирањето во ЕУ. Изградбата на подобри патишта и енергетски врски мора да е проследено и со полесно водење бизнис низ соседството и патување без рампи во регионот. Не треба да се има илузии дека ЕУ ќе може да биде дарежлива за финансирање на инфраструктурата во нашите земји во иста мерка како што беше тоа случај во другите земји кои веќе се приклучија на Унијата. Треба да сме реални дека тоа е минато. Денес имаме можност сами да работиме на интеграција помеѓу нас кои сме на пат кон ЕУ и оние земји од регионот кои веќе се членки на ЕУ. Се сведува на конкретни работи низ кои треба да го гледаме идното членство во ЕУ, посочи министерот Попоски.
МНР попоски на маргините на конференцијата оствари средба и со Еврокомесарот Јоханес Хан, на која заклучија дека избори на 5 јуни се најдобар пат за Македонија да ја врати агендата и почне со преговори за членство.
Билатерални средби беа остварени и со МНР на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, Државниот секретар за европски прашања на Франција, Арлем Дезир, со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, Подсекретарот во Италијанското МНР Винчензо Амендола и МНР на Република Албанија Дитмир Бушати.