
Во присуство на поголем број љубители на уметоста, меѓу кои и градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, во Домот на култура „Илинден“ отворена e изложба на фотографии на новинарката Каролина Мицевска, насловена „Момент на впечатоци“.
Со пригодна реч за значењето на изложбата и творештвото на авторот на присутните им се обрати академскиот сликар Новица Трајковски. Притоа, тој истакна дека оваа изложба составена од 24 фотографии е резултат на убавите моменти на авторката во Македонија и во Русија, која што преку фотографиите сака да ни соопшти дека пронашла одредени поклопувања меѓу двете земји, слични по култура, традиција, стари градби.
Каролина Мицевска е од Прилеп и е дипломиран новинар на факултетот по Интердисциплинарни студии по новинарство во Скопје. Покрај пишувањето, секојдневна пасија и е фотографирањето. Таа е од оние новинари што со своите прилози ги документира случувањата, им дава визуелна веродостојност, и со помош на фотографскиот апарат ги спасува од заборавот. Досега самостојни изложби имала во Прилеп, Радовиш, Гевгелија, Неготино, Крушево, Велес…
Изложбата „Момент на впечатоци“ ќе биде отворена до 12 април.