Трпески: Геодетските фирми се подготвени да ги изработат елаборатите за легализација

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески денеска изјави дека сеуште немаат официјални податоци колку нови барања се поднесени, но оти има многу барања за легализација на инфраструктурни објекти.

–  Новиот рок истече пред неколку дена. Се уште немаме добиено официјални податоци колку нови барања се доставени до општините. Имаме информации дека има многу барања за инфраструктурни објекти коишто минатиот рок беа пропуштени бидејќи немаме катастар на инфраструктурни објекти и многу компании немаа поднесено барање. Очекуваме да имаме забрзано правење на геодетските елаборати, истакна Трпески, одговарајќи на новинарски прашање по прес-конференцијата свикана за графичкиот регистар на градежно земјиште.

Тој апелираше до сите оние што поднеле барање за легализација да ги запазат роковите и да се обратат до геодетските фирми кои треба да ги изработат елаборатите.

– Апелирам да се запазат роковите и да се пристапи кон геодетските фирми коишто се подготвени да пристапат кон изготвување на елаборатите по што општините треба да донесат решение и да бидат запишани во Катастарот, рече Трпески.

На ниво на државата работат 147 геодетски фирми со околу 500 вработени.