Иванов: Сето ова потекна од желбата на Заев да има гаранција дека нема да биде уапсен

Сево ова потекна од желбата на Заев да има гаранција дека нема да биде уапсен, рече претседателот Иванов на прашањето како ја коментира изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека во Македонија е подготвен теренот за Украинско сценарио.

Како што ги има снимено сите телефонски разговори, сигурно го снимил и разговорот по 9-ти мај.  Нека го преслуша и нека каже што тогаш бараше од мене како претседател. Веројатно во текот на времето Заев ги менува своите ставови, ги менува своите изјави и настојува секој пат да каже дека сето тоа што досега го кажал и направил, не важи. Во политиката кога влегувате, зборот ве обврзува. Испукан куршум и искажан збор , со ништо не се враќа. Сето она што го кажал, ако е повод за ова што се случува тој може да одговара пред судот на јавноста и на избори и граѓаните да кажат што мислат за тоа што тој го направил на држават адосега, рече Иванов.

Претходно Иванов појасни дека мотивот за донесување на Општиот акт за аболиција бил, како што реше, за да ги искористи сите можности како претседател да дојдат слободни и фер избори без притисок, без уцена, без никакви можности некој да влијае на тие избори.

Како што рече, имало голем број забелешки уште во мај месец кога лидерот на СДСМ Заев не сакал да учествува на лидерските средби затоа што се плашел дека во секој миг може да биде уапсен и барал гаранции дека тоа нема да се случи.

Посочи дека одлуката за аболиција била со цел сите оние лица кои ќе бидат вклучени во изборниот процес да бидат растоварени од сите оние работи што ги оптоваруваат со цел да има избори. Да се дојде до состојба нула и да се тргне од стартна позиција.

А потоа, како што рече, секој оној што се чувствува незадоволен, Обвинителството, Специјалното Јавно Обвинителство може да си ја врши работата по изборите.