Јелена е убиена во нејзината куќа со палка?

Десетина инспектори и форензичари влегле во куќата на семејството на убиената српска пејачка Јелена Крсмановиќ Марјановиќ во Борча, извршиле детален претрес на сите објекти и однеле неколку ќеси со предмети.

Пресвртот во истрагата настанал како последица на сомнежот дека во злостроството се вмешани и некои членови на најтесното семејство, како и тоа дека пејачката е можеби убиена во нејзината куќа, а телото подоцна било фрлено во каналот, пишува српски „Курир“.

Како што наведува весникот, свекорот на Јелена Владимир Марјановиќ паднал на полиграфското тестирање по убиството на неговата снаа.

Исто така се наведува дека и нејзината свекрва Зорица паднала на полиграф, а претходно медиумите пишуваа дека на тестот два пати паднал и сопругот Зоран.

Весникот „Блиц“ пишува дека убиената Јелена била убиена со девет удари со дрвен стап или палка во глава.

Неименуван извор за весникот, кој наводно бил вклучен во истрагата вели дека не е точно дека пејачката е убиена со метален алат, како што се сомневаа од почетокот на истрагата.

„Блиц“ наведува дека сопругот Зоран рекол дека за време на првата потрага по Јелена на насипот видел човек со стап. Полицијата не го пронашла човекот, а исто така не е пронајдено ниту оружјето со кое што била убиена пејачката.

Истрагата за бруталното убиство и понатаму е во ќорсокак, полицијата интензивно трага по убиецот, а дури ни по испитувањето на Небојша Ројко, за кого се веруваше дека е поврзан со трагедијата, не биле добиени позначајни податоци.