Запленети околу 22 килограми марихуана

Денот на Царинската управа – 14 април, покрај со свечена церемонија, одбележан беше и со успешна заплена на околу 22 килограми марихуана.

Царинските службеници од Одделението за оперативни работи во соработка со Министерството за внатрешни работи, вчера околу 23:20 часот, на граничниот премин Табановце на излез од Република Македонија селектираа за контрола патничко возило со бугарски таблички, управувано од бугарски државјанин.

марихуана1

При детална контрола на возилото со помош на царинско куче, во долниот дел од возилото кај резервната гума, во резервна гума, под предните калници, во вратата од багажникот и под пластиките од задните седишта пронајдени се 40 опаковки обвиткани со леплива трака и алуминиумска фолија. Опаковките биле исполнети со зелена тревкаста материја. По извршено мерење и тестирање со тестер за дрога, констатирано е дека се работи за 21,7 килограми марихуана.

Откриената дрога и лицето се предадени на Министерството на внатрешни работи за понатамошна постапка.