
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска соопшти дека во тек е пријавувањето за добивање субвенции во земјоделството.
Рокот за аплицирање е до 30 јуни, а новина е тоа што барањата ќе се поднесуваат по електронски пат.
Барањата може да се поднесат со пристапување во системот преку веб-страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk , а за полесно користење изработени се и упатства на македонски и на албански јазик. Покрај ова, подетални информации може да се добијат и од вработените во Агенцијата за што се отворени три телефонски броеви 02/3097-489, 02/2445-805, 070/418-869 и 070/418-870.
– Со ваквиот начин на пријавување, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се приближи комплетно кон работата на европските платежни агенции. Со ова се намалува метежот во подрачните единици на Министерството за змејоделството, шумарството и водостопанство што беше случај во изминатите години каде се поднесуваа барањата, истакна директорката на Агенцијата, Билјана Вуковиќ.
Земјоделците кои сакаат да аплицираат за субвенции може да побараат помош и од вработените во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.