Круз и Кејсик се здружија со цел да го поразат Трамп

Тед Круз и Џон Кејсик, ривали на фаворитот за номинација на Републиканската партија за кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп презедоа невообичаен чекор и објавија план за координација на своите стратегии на внатрепартиските избори во преостанатите сојузни држави, со цел на Трамп да му ги одземат делегатите, потребни за директна номинација на партијата.

Круз и Кејсик речиси истовремено објавија соопштенија, во кои се наведува дека постигнале спогодба без преседан во американската политика.

Со договорот е предвидено кампањата на Кејсик да му даде „отворен пат“ на Круз во Индијана, додека во замена кампањата на Круз ќе му го „отвори патот“ на Кејсик во Орегон и Ново Мексико.

– Именувањето на Доналд Трамп за кандидат на Републиканската партија на претседателските избори во ноември би било сигурна катастрофа за републиканците, нагласи во соопштението менаџерот на кампањата на Круз.

– Не само што на претседателските избори демократите Хилари Клинтон или Барни Сандерс ќе го „избришат подот“ со Трамп, туку и самата негова номинација ќе ја уназади нашата партија за цела една генерација, рече тој.

Соопштението на двајцата ривали на Трамп е објавено само 48 часа пред почетокот на внатрепартиските избори во североисточниот дел на САД, каде се очекува дека контроверзниот милијардер ќе го зголеми бројот на делегатите кои го поддржуваат.