
Шпекулациите имаат за цел да предизвикаат паника. Нема никаков простор за загриженост на граѓаните и на компаниите- денарот е стабилен и останува стабилен, вели гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, во разговор за ТВ Нова, потенцирајќи дека апсолутно нема никаква можност да се наруши макро- економската стабилност, или да се наруши стабилноста на курсот на денарот.
Уште првиот ден кога јас дојдов на оваа позиција, јасно кажав дека политиката на стабилен курс на денарот ќе биде она што ќе го спроведуваме и го спроведуваме во континуитет. Имало шпекулации во минатото, има и сега. Секогаш, се покажале тие шпекулации како неосновани. Ги повикувам граѓаните воопшто да не веруваат на таквите шпекулации. Она што го забележавме сега, за разлика од некои други вакви епизоди, на пример имаше и минатата година, имаше и во 2009-та година, имаше и во 2001-та година, сега овие шпекулации се посилни и се оркестрирани, изјави Богов.
Според него, Народната Банка има доволно моќни инструменти со кои што може, во секое време да го одбрани курсот на денарот доколку тој е предмет на напад, но ситуацијата е таква што е доста поволна за курсот.
Ние во последните пет години, имаме исклучително низок дефицит во платниот биланс, а тоа е основниот индикатор кој што покажува дали на земјата ѝ недостасуваат девизни средства. Значи, дефицитот е помалку од 2 проценти од бруто- домашниот производ што Македонија никогаш го немала во минатото. Просекот за Македонија отсекогаш бил 5- 6 проценти. Имајќи го тоа во предвид, оваа година, дури во првите два месеца, токму денес ги објавуваме податоците, првите два месеца имаме вишок во тековната сметка на платниот биланс. Значи, девизниот пазар нема, ама никаква причина да биде нарушен, објаснува гувернерот Богов.
Според него, шпекулациите имаат за цел кај кај граѓаните да предизвикаат паника, и тие да бараат повеќе девизи и да има, деновиве, зголемена побарувачка за девизи во менувачниците.
Менувачниците како менувачници си гледаат шанса во тоа и некогаш го подигаат курсот, некогаш не им продаваат доволно, но банките во секој момент можат да им понудат девизи на граѓаните и секој кој што има некоја дилема нека оди во некоја банка и ќе купи без никакво ограничување. Девизи има, но тие што ќе ги разрочуваат сега депозитите, ќе купуваат девизи, ќе изгубат, како што изгубија и минатата година, како што изгубија во 2009-та година. Апелирам дека нема простор за загриженост, курсот е целосно под контрола, денарот останува стабилен, банките остануваат сигурни, дури и најсигурно место за штедење, потенцира Богов.