
Во борбите меѓу владините сили и бунтовниците во повеќе квартови во Алепо повредени се десетици лица.
Борбите во Алепо се интензивираа во последните неколку денови откако целосно пропадна договорот што беше постигнат со посредство на САД и Русија за делумно примирје во Сирија.
Петмина сириски хуманитарни работници загинаа, а двајца се повредени при ракетирање и воздушни напади во градот Атареб, околу 25 километри западно од Алепо. Атареб е под контрола на бунтовниците.
Се уште не е познато дали воздушните напади ги извеле сириски или руски авиони, изјави претставник на Сириската цивилна одбрана Абдул Рахман.
Сириската цивилна одбрана е формирана во 2013 година, а во неа работат 2.890 доброволци во реони кои се под контрола на бунтовниците во северна и централна Сирија и во покраините на Дамаск.