
Владимир Путин се обидува да го поткопа единството на Европа, на кое гледа како на закана, оцени денеска американскиот претседател Барак Обама.
Обама, во интервју за телевизијата Си-Би-Ес изјави дека според мислењето на САД проблем станува мигрантската криза во Европа. Според него мигрантската криза врши притисок на политиката во Европа, го поттикнува ултрадесничарскиот национализам и го охрабрува распадот на Унијата, што потоа го користат луѓето како што е Путин.
– Путин гледа на НАТО, ЕУ и трансатлантското единство како на закана, наведе Обама. Мислам дека греши. Му укажав дека, напротив, силна, обединета Европа која соработува со силна и отворена Русија е добар рецепт, но Путин се уште не е сосема убеден во тоа, изјави американскиот претседател на крајот на турнејата во Блискиот Исток и Европа.
За време на посетите на земјите од ЕУ, Обама ги повика европските лидери да покажат повеќе единство во соочувањето со економската криза, заканата од исламскиот тероризам и огромниот прилив на мигранти од Блискиот Исток и од други подрачја.
Тој исто така ја повика Велика Британија да не гласа за излегување од ЕУ на референдумот во јуни.