
Со положување цвеќе на гробот на револуционерот Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје беа одбележани 113 години од смртта на великанот.
На гробот на Делчев цвеќе положи владина делегација предводена од Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на парламентарните избори Емил Димитриев, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Делегација на Градот Скопје, предводена од градоначалникот Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, положија цвеќиња на гробот на нашиот борец за слобода Гоце Делчев.
По повод годишнината од смртта цвеќе положи и партиска делегација на СДСМ, во состав: Максим Димитриевски, член на Извршниот одбор на СДСМ, Татјана Прентовиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ, Цветанка Лакова, претседателка на Форумот на жени на СДСМ.
Во Црквата Св.Спас беше одржана и Панихида на Македонската православна црква по повод 113 години од смртта на македонскиот национален херој и великан.
Еден час подоцна, Делегација од Советот на Град Скопје положија цвеќе и на споменикот на Гоце Делчев на плоштадот Македонија.