Средба на вицепремиерот Адеми албанскиот амбасадор Река

За време на средбата, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, соговорниците разговарале за актуелната политичка состојба во земјата и за продлабочувањето на билатералната и регионалната соработка помеѓу двете земји.

– Во однос на актуелната политичка состојба,  која заеднички беше оценета како крајно сложена, беше потенцирано дека таа влијае врз евроинтегративниот процес на земјата и дека особено внимание треба да се посвети на натамошно спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на политичкиот договор и Охридскиот рамковен договор, каде што главниот фокус на сите политички актери без исклучок, треба да биде изнаоѓање на заедничко решение за излез од правната и политичката криза, се вели во соопштението на СЕП.

Вицепремиерот Адеми и амбасадорот Река ги поздравиле одличните односи меѓу двете земји и разговарале за планирање на конкретни активности за продлабочување на билатералната и регионалната соработка во областите од заеднички интерес, преку размена на искуства во однос на процесот на интеграција  како и во однос на поефикасната експлоатација на фондовите на ЕУ.