
Ако планирате да летувате во Грција подгответе повеќе пари од предвиденото. Грчката влада ќе воведе нови мерки за зголемување на данокот на додадена вредност – ДДВ на храната и комуналиите со цел да заштеди 1,8 милијарди евра, што е еден од предусловите кои ги поставија меѓународните кредитори за дополнителната финансиска помош.
Според локалните медиуми ДДВ то на храна и пијалаци, вклучувајќи и во рестораните и баровите, ќе биде зголемено од 23 на 24 проценти.
За истиот износ ќе биде зголемен и износот на ДДВ то на картите за патување на локалните и меѓународни линии. Цените на бензинот и дизелот ќе бидат зголемени за пет, односно за осум проценти.
ДДВ то ќе биде зголемено и за цигарите, фиксната телефонија и телевизиската претплата. Цената на ноќевање во хотелите во Грција од 2018-та година ќе биде зголемена за две до четири евра. Според наводите на медиумите, нацрт законот за новите мерки наскоро ќе биде претставен во парламентот и се очекува дека гласањето ќе биде најдоцна до викендот.
Ова за македонските туристи ќе значи поскапување на туристичките аранжмани. Пресметките велат дека едно семејство од 4 члена, за 10 дневното летување во Грција ќе треба да одвои дополнителни 150 евра.