
Собранието на Република Македонија на денешната 101. седница со 96 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан ги усвои измените на Изборниот законик, по скратена постапка, со кои се предвидува укинување на членовите со кои се предвидуваше одржување предвремени парламентарни избори на 5 јуни. Со измените, предложени од Талат Џафери од ДУИ, не се предвидува нов датум за одржување избори.
Собранието на Република Македонија попладнево ги констатираше и оставките на министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски, како и на дополнителните заменици министри за финансии Кире Наумов, за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Пратениците, на предлог на премиерот за спроведување на предвремените избори Емил Димитриев, за нови членови на Владата ги избра Митко Чавков, за внатрешни работи и Диме Спасов, за труд и социјална политика.
Претседателот на Собранието ја закажа оваа седница по денешната едногласна одлука на Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Парламентот од 18 јануари 2016 година и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.