
Во Македонија за 10 години платите се зголемени за 60, а пензиите за 70 отсто. Ова го покажува истражувањето на српски „Курир“ по повод 10-годишнината од независноста на Црна Гора.
Граѓаните на Македонија и Црна Гора во период од 10 години добиле најголем раст на платите и на пензиите, а Србите најмал. Според истражувањата на српски „Курир“ жителите на Македонија и Црна Гора од 2006 година до денес имале најголем раст на платите и пензиите, додека во истиот период најлошо поминале Хрватска и Србија.
Повод за споредба на поранешните држави на Југославија, е 10-годишнината од независноста на Црна Гора, која беше прославена овој викенд.
Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, во очи на јубилејот на независноста, рече дека просечната плата во Црна Гора е за 70 отсто поголема од пред 10 години, бруто домашниот производ исто така за 70 проценти, а пензиите за 100 отсто.
Покрај Црна Гора и Македонија има причина да се пофали. Платите се зголемени за 60, а пензиите за 70 отсто.
Босна и Херцеговина го зема третото место во ова 10 годишна споредба и ја потврдува оценката дека ваквиот пласман е делумно последица на ниските почетни основи кои ги имаа овие три држави.
Големиот раст, сепак не им помогна да ги претекнат Словенија и Хрватска, кои сеуште имаат речиси двојно повисоки плати и пензии.
Србија, гледано во динари, има голем раст, скоро како Македонија и Црна Гора, но кога ќе се прерачуна во евра, нашата земја е на дното, пишува српски Курир.
-Зар не се најдобри Словенците?!, прво запрашал економистот Љубомир Маџар, кога од Курир.рс му кажале дека по растот на платата најдобри се Македонците и Црногорците.
Тој вели дека ова рангирање потврдува оти се променила ситуацијата од поранешна Југославија, бидејќи тогаш развиените побрзо се развивале од неразвиените и така се зголемувала разликата.