
И оваа година, општина Кисела Вода во соработка со Основното Училиште за возрасни „Антон Семјонович-Макаренко” организира вечерна настава за лицата кои поради определени причини го прекинале образованието или воопшто не се образувале.
Програмата која во следната учебна година треба да овозможи описменување и дооформување на образованието, ќе се реализира преку Секторот за локален економски развој на општина Кисела Вода.
Наставата ќе биде комплетно бесплатна и ќе се одвива во вечерните часови во училиштата на територија на општина Кисела Вода. Бесплатни ќе бидат и книгите и училишниот прибор што е неопходен за одвивање на наставата. Уписите за оформување на образовните групи, во моментов се во тек.
Лицата кои се заинтересирани за дооформување на образованието е потребно до Основното Училиште за возрасни „Антон Семјонович-Макаренко”, до општина Кисела Вода или до месните заедници на ниво на општината, да достават извод од матична книга на родените, лична карта, свидетелство за последно завршено одделение, а за лицата помлади од 15 години е потребно мислење од стручно лице.
Наставата ќе започне на 1 септември, годинава.