
На 16 јуни се очекува Грција да добие нова транша во вредност од над 10 милијарди евра, соопшти европскиот комесар по економски и финансиски прашања Пјер Московиси, цитиран во грчкиот весник „Нафтемборики”.
На крајот на мај, Еврозоната се согласи да пушти нова транша во износ од 10.300.000.000 евра, како дел од финансиската помош планирана за Грција, како и за преструктурирање на 20 проценти од нејзиниот долг.
Како што пренесува БТА, Московиси изрази оптимизам дека Грција ќе постигне доволен напредок во реформите, за да добие зелено светло за исплаќањето на наредната транша, на средбата на Еврогрупата на 16 јуни. Тој појасни дека траншата ќе биде исплатена на неколку рати, од кои првата ќе изнесува 7,5 милијарди евра.
За да биде исплатен првиот дел од траншата, се налага согласност од пет парламенти на Еврозоната, меѓу кои и германскиот Бундестаг.