ФОТО: Наградени најдобрите македонски млади програмери

Агенцијата за млади и спорт во соработка со ФИНКИ и Здружениетo на информатичари на Македонија втора година по ред го реализираа проектот наречен “Најдобар млад програмер”.

По тој повод денес во просториите на Агенцијата се доделија ваучерите за шесте најдобри млади програмери.

Овој проект е дел од напорите на Агенцијата за млади и спорт за поттикнување и охрабрување на младите луѓе да го покажат и развиваат својот талент, но истовремено и можност да ги стимулираме младите средношколци за продолжување на своето образование на техничките науки. За успешна реализација на проектот, потпишавме Меморандум за соработка со Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и со Здружението на информатичарите на Македонија, кое поседува лиценца за одржување на државни натпревари во Република Македонија во програмирање. Проектот започна со реализација во текот на декември 2015 година со спроведување на караванот по средните училишта во Република Македонија, со цел промовирање на проектот и информирање на средношколците за самиот натпревар, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

marjan-spaseski-ams-640x360

На натпреварите учествуваа преку 400 учесници, а најдобрите беа избрани од страна на стручната комисија формирана од Здружението на информатичари на Македонија. Имено, тоа беше една од целите на овој проект, низ правилна филтрација на регионалните и Државните натпревари ги добиеме најдобрите шестмина кои достојно ќе не претставуваат на претстојната Балканска Олимпијада (27.06-02.07 Кипар) и Интернационална олимпијада ( 17-19.08 Казан, Русија). Оваа година од буџетот на Агенцијата за млади и спорт се одвоија 160 000 денари наменети за награди за најдобрите, вели Спасески.

Првите две места и 40.000 денари отидоа кај Владимир Максимовски и Димитар Барјактаров, додека па двете втори места и ваучер од по 25.000 денари освоија Никола Стојкоски и Душан Терзиќ. Третите места и 15.000 им припаднаа на Филип Михов и Марко Чаласан.

Дополнително, најдобрите млади програмери, од страна на ФИНКИ, ќе добијат стипендии за бесплатно студирање на факултетот. Агенцијата за млади и спорт и во текот на 2016 година ќе продолжи со проектите за поддршка и развој на младите луѓе, но и соработката со релевантни институции со што веруваме дека значајно ќе се придонесе за поттикнување на креативноста, иницијативноста и јакнење на потенцијалот на младите луѓе кои ја претставуваат иднината на оваа држава, информираат од АМС.