
Авиокомпанијата „Скандинавијан ерлајнс“ (САС) денеска откажа речиси 160 летови поради штрајкот на своите шведски пилоти по спорот околу зголемувањето на платите, соопшти превозникот.
Ова е втор ден од штрајкот на пилотите, а од тоа се засегнати околу 20.000 патници, пренесува МИА.
Летовите со кои управуваат дански и норвешки пилоти не се откажани, се наведува во соопштението на САС, со седиште во Стокхолм.
Синдикатот на шведските пилоти бара зголемување на платите за 3,5 отсто, а компанијата им понудила 2,2 процента.
Потпретседателката на САС, Карин Ниман нагласи дека двете страни „за жал не успеале да се договорат“.
Авиокомпанијата, која е најголема на подрачјето на Скандинавија, е во делумна сопственост на владите на Шведска, Данска и Норвешка.