
Познатото штипско семејство Караѓозови, наследници на доајенот на македонската хирургија Панче Караѓозов, семејната куќа во Ново Село денеска ја даруваа на универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип.
Како што ректорот Блажо Боев, семејната куќа на Караѓозови ќе биде реконструирана и прилагодена за студиската програма Историја со археологија, а на влезната врата ќе стои и спомен плочата посветена на лекарот Панче Караѓозов.
– Прво треба да направиме проектна документација, да добиеме соодветни дозволи, бидејќи Ново Село е под заштита на спомениците на културата. Се надеваме дека со одредени градежни работи ќе почнеме на почетокот на наредната година, изјави Боев.
Наследниците на познатиот хирург, Катерина и Александар Караѓозови, истакнаа дека куќата ќе остане во спомен и ќе биде реконструирана, зашто градот Штип даде голем број лекари и медицински сестри.
– Градот Штип по Панче Караѓозов именуваше медицински центар, улица, населба, а и Скопје, исто така, училиште. Цениме дека овој објект ќе биде една целина и ќе стане туристичка атракција во Ново село кое, иако толку мало, има богата историја и даде видни, еминетни личности, нагласи Караѓозов.
Куќата на Караѓозови датира од 19. век. Во неа израснале генерации, а нивните наследници сметаат дека објектот треба да биде споменик и дел од традицијата на штипско Ново Село.