
Германската канцеларка Ангела Меркел изрази длабоко жалење поради одуката на мнозинството Британци нивната држава да ја напушти Европската Унија и најави дека цел на Унијата ќе биде блиски односи во Лондон во иднина.
Како што јавува дописникот на МИА, на прес-конференција посеветена на одлуката за напуштање на ЕУ германската канцеларка рече дека Европа не треба да извлекува „брзи и едноставни заклучоци“ кои ќе создадат нови поделби во ЕУ.
Се до излегувањето од ЕУ Велика Британија ги има сите права и обврски како членка на Унијата. Нашата цел треба да биде да имаме блиски и кооперативни односи со Велика Британија во иднина, изјави Меркел во обраќањето кое беше пренесувано на телевизија.
Според Меркел, Европската унија е доволно силна за да најде „вистински одговори“ за резултатите од референдумот во Велика Британија, а од Европејците побара никогаш да не заборават дека основањето на Европската Унија е „идеја на мирот“.
Утринава Меркел се сретнала со лидерите на најголемите германски политички партии со кои разговарала за последиците од гласањето во Британија, а за в понеделник во Берлин ги покани францускиот претседател Франсоа Оланд, италијанскиот премиер Матео Ренци и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск со кои ќе се разговара за идните чекори на ЕУ по референдумот во Велика Британија.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер за утре во Берлин закажал средба со неговите колеги од шесте земји основачи на ЕУ.