
Пакетот закони поврзани со проектот „Македонија вработува 2“ денес ќе се најдат пред пратениците.
Во рамки на 107-мата седница во Собранието на Република Македонија пратениците ќе расправаат за предлог измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за пензиско и инвалидско осигурување и на Законот за здравствено осигурување кои се поврзани со реализација на проектот „Македонија вработува 2“.
Пред пратениците на оваа седница се и Предлогот на закон за дополнување на Законот за јавните набавки, измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој, измените на Законот за полиција, измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи и измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, сите по скратена постапка.
На дневен ред на оваа седница се и годишни извештаи на повеќе комисии, агенции и Советот на јавни обвинители.